Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ во Србија соопшти дека во изминатата недела се регистрирани повеќе од 9.000 случаи на заболувања слични на грип. Иако бројот е нешто понизок во споредба со претходната недела, лекарите предупредуваат дека станува збор за мутирани вируси кои претставуваат сериозна здравствена закана.

Според здравствените власти, новите вирусни соеви ги погодуваат сите возрасни групи, но најранливи се децата и постарите лица. Болниците и амбулантите низ Србија се преполни со пациенти со гриполични симптоми.

Педијатарот д-р Саша Милиќевиќ за порталот Nova.rs изјави дека лабораториските анализи покажуваат оти во најголем број случаи не станува збор за класичен грип.

„Овие вируси имаат изменета структура, поради што имунолошкиот систем тешко ги препознава. Често се јавуваат и кај луѓе кои неодамна прележале друга инфекција“, објаснува Милиќевиќ.

Најчести симптоми се ненадејна и висока телесна температура, која во поединечни случаи надминува 40 степени, болки во мускулите и зглобовите, изразена малаксаност, губење апетит и поспаност. Кај дел од пациентите се појавува и дијареја, што го зголемува ризикот од дехидратација.

Иако децата почесто се заразуваат, кај нив болеста обично поминува побрзо. Кај возрасните, пак, инфекцијата трае подолго и често е потешка.

Лекарите предупредуваат дека антибиотиците не се ефикасни, бидејќи станува збор за вирусни инфекции. Се препорачуваат одмор, изолација, зголемен внес на течности и симптоматска терапија.

Вирусите се пренесуваат капково – преку кашлање, кивање и близок контакт, како и преку валкани раце и контаминирани предмети. Здравствените работници апелираат лицата со симптоми да останат дома најмалку неколку дена, со цел да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата.