Муцунски: 14 граѓани не се појавија на летот за евакуација од Дубаи, акцијата продолжува до крајот на неделата
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија интензивно работи на извлекување на македонските државјани од кризните региони на Блискиот Исток. Сепак, процесот се соочува и со логистички предизвици, откако 14 лица кои претходно барале евакуација не се појавиле на вчерашниот организиран лет од Дубаи.
Оваа информација ја потврди ресорниот министер Тимчо Муцунски, кој појасни дека овие граѓани барале извлекување до самиот крај, но не дошле на аеродромот.
„Контактиравме веднаш преку нашето дипломатско претставништво други граѓани, кои ги вративме, а беа на листата за чекање“, истакна Муцунски, додавајќи дека за Дубаи се планирани уште два лета во текот на оваа недела.
Освен од Обединетите Арапски Емирати, голем број македонски државјани чекаат евакуација и од другите земји во регионот. Според податоците на МНР, во Доха се регистрирани 162 лица (од кои 89 сакаат да си заминат), во Кувајт се пријавени 36, во Бахреин 15, а во Саудиска Арабија пет лица.
Планот на Министерството за овие државјани е да се организира локален транспорт до Ријад во Саудиска Арабија, кој ќе служи како централна точка за собирање. Оттаму, во текот на неделата ќе биде организиран директен лет за Скопје.
„Динамиката е јасна – до крајот на неделата да има извлекување на сите граѓани кои побарале помош“, заклучи министерот Муцунски.
