Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски остро ги отфрли тврдењата за наводни планови за прифаќање мигранти. Тој нагласи дека таква политика не постои. Исто така, потенцира дека информациите пласирани од СДСМ се лажни и сензационалистички. Својата реакција тој ја објави на Фејсбук нарекувајќи ги обвинувањата крајно неодговорни.

Муцунски истакна дека Владата е фокусирана на економските приоритети. Тие се насочени на подобрување на животниот стандард, а не на какви било мигрантски аранжмани. Во неговата објава стои:

„Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Градиме партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина.

И сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма.“

Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина.

Со ова, шефот на дипломатијата јавно ја отфрли можноста за воспоставување мигрантски кампови или слични механизми. Тој нагласи дека ставот на Владата е недвосмислен.

-Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на меѓусебно почитување и доверба. Соработката е во политиката, економијата и безбедноста. Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој. Тие отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните, а не сценарија измислени за дневнополитички потреби.

Темата за наводно прифаќање мигранти претставува класичен дневнополитички обид за дефокус. Ова е последица на драматично нискиот рејтинг. Безидејноста во која СДСМ е заглавен трае подолг период.

Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми“, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, заврши Муцунски.