Муцунски порача дека историската комисија мора да работи независно и без влијанија
Политиката мора целосно да остане надвор од академската работа на Македонско-бугарската експертска комисија за историски прашања, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој порача дека членовите на комисијата треба да носат заклучоци исклучиво врз научни основи и без политички притисоци или временски условувања.
„Политиката нема право да се меша во академската слобода. Обврската на членовите на таа комисија е да дискутираат, дебатираат и ако успеат да донесат некои заклучоци врз основа на нивните научни познавања. Политиката ги има тргнато рацете, откако Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија“, изјави Муцунски.
Нема да се дозволи политизација на процесот
Осврнувајќи се на изјавата на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров, кој тврдеше дека Комисијата стагнира, Муцунски нагласи дека нема намера да влегува во политички расправи.
„Ако навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува – да го политизираме процесот. Јас единствено што можам да кажам е дека членовите треба да си работат како научници во рамките на таа Комисија“, додаде тој.
Министерот подвлече дека во минатото процесот често бил политизиран, но дека сега таков пристап нема да се дозволи.
Продолжува работата на експертската комисија
Македонско-бугарската комисија неодамна ја одржа својата 38. редовна средба во Скопје. На неа биле презентирани новите учебници по Историја и општество за петто и шесто одделение.
Дискусијата на оваа тема ќе продолжи на следната средба закажана за првата половина на декември во Софија.
