Муцунски: Македонија е активен и подготвен партнер во безбедносната архитектура на Европа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари средба со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и претставници на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), во рамки на Дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија.

Во своето воведно обраќање, министерот истакна дека државата по минатогодишното Партнерство за безбедност и одбрана направила значаен стратешки чекор напред. Тој вели дека воспоставила рамка за структуриран дијалог и практична соработка во клучни безбедносни области. Како такви ги наведе хибридните закани и сајбер-безбедноста. Се осврна и на унапредување на одбранбените капацитети и отпорноста.

„Со денешната средба отвораме ново поглавје во нашата стратешка соработка и поставуваме цврста основа за уште подлабоко партнерство, засновано на заеднички вредности, заемна доверба и споделени безбедносни интереси“, порача Муцунски.

Усогласеност со ЕУ и активно учество во европските мисии

Муцунски подвлече дека Македонија има 100-процентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Според него тоа што ја прави подготвен и кредибилен партнер во одбранбената структура на Унијата.

„Нашето учество во мисиите и операциите на ЕУ, како и во Борбените групи на ЕУ, претставува јасна потврда за нашата подготвеност да дејствуваме како рамноправен партнер“, рече министерот.

Тој се заблагодари за поддршката преку Европскиот мировен фонд, со вкупна вредност од 38 милиони евра, која, како што рече, значително ја забрзува модернизацијата и подготвеноста на македонските армиски сили.

Калас во Скопје: НАТО самитот во Хаг ќе донесе нова шанса за решавање на спорот со Бугарија

Апел до ЕУ: Да не дозволи геополитички вакуум на Балканот

Муцунски нагласи дека државата нема да биде пасивен набљудувач, туку активен и одговорен партнер во градењето на безбедносната иднина на Европа. Тој упати и директен апел до ЕУ:

„ЕУ треба да покаже решителност и одважност и да донесе храбри одлуки во насока на својата политика за проширување. Неактивноста може да отвори простор за други геополитички актери, што ќе го поткопа кредибилитетот на Унијата.“

Министерот ја поздрави и иницијативата за новиот инструмент SAFE, кој ќе овозможи земјите-кандидати да се приклучат во заедничката набавка и модернизација на одбранбените капацитети, со што се отвараат нови можности за интегрирање на безбедносните сили во европската архитектура.