Прва билатерална посета во Варшава
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски утре ќе престојува во работна посета на Полска, каде ќе разговара за зајакнување на економските врски и поддршката за европскиот пат.
Посетата се реализира на покана од заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Полска, Радослав Шикорски.
„Ова е прва билатерална посета на министерот Муцунски на Варшава. Во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, особено економската соработка, трговската размена и привлекувањето нови полски инвестиции, како и реафирмирањето на полската поддршка за македонската интеграција во Европската Унија. Воедно, ќе бидат разменети мислења за клучни регионални, европски, глобални и безбедносни прашања“, информира Министерството.
Средби и заедничка прес-конференција
Во рамки на посетата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу двајцата министри, по што ќе следува и пленарна средба на двете делегации.
По разговорите, најавена е и заедничка прес-конференција на Муцунски и Шикорски.
