Муцунски: Над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори се професионални дипломати

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Македонско-словачкиот бизнис форум, рече дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).

Тој потврди дека на последната владина седница предложил повеќе имиња, коишто ќе ги потврди по добивањето на агреманите.

-Процесот на именување и пополнување на местата на шефови на дипломатско конзуларни претставништва согласно Законот за надворешни работи го координирам јас, но целокупниот процес значи координација со претседателката на државата и претседателот на Владата. По остварена таква координација со претседателката на државата и претседателот на Владата, на последната седница на Влада можам да потврдам точно е дека предложив повеќе имиња, како министер за надворешни работи и надворешна трговија, за пополнување на повеќе места на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва, рече Муцунски.

Посочи дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во МНРиНТ со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години, и како што нагласи „тоа се врзува со нашата заложба која почна со измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи“.

Владата на седницата во вторникот, како што објавија повеќе медиумите, одобрила список од деветмина нови амбасадори и двајца генерални конзули, во Стокхолм, Букурешт, Приштина, Лондон, Хаг, Стразбур, Софија, НАТО и Софија, како и генерални конзули во Солун и во Мелбурн.

За амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи, кадар од МНРиНТ, додека Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања заминува за амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел.

Поранешниот амбасадор во Украина Крум Ефремов е предложен за амбасадор во Софија, во Романија е предложен Габриел Атанасов од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а за амбасадор во Приштина е предложена Катерина Тодоровска.

Линда Салиеска Иљазоска од МНРиНТ е предложена за позицијата амбасадорка во Хаг, додека Илина Мангова која доаѓа од невладиниот сектор е предложена за амбасадорка во Лондон. Светлана Гелева е предложена за втор мандат во Советот на Европа во Стразбур. На листата исто така се споменуваат и две имиња за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн, и двајцата кадар од МНРиНТ.