Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во изјава за МРТ, истакна дека со својот бугарски колега Георг Георгиев разговарале за потребата од деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес.

“Ние сакаме процес што е предвидлив, со јасен почеток и јасен крај. Како Влада, нема да прифатиме никакво решение или компромис што би бил направен под уцена или притисок. Секој компромис мора да биде во согласност со реалноста во која живееме и со европските вредности за кои Европа постојано ни зборува,” изјави Муцунски.

Примена на европските стандарди и заштита на Македонците во Бугарија

Муцунски потенцираше дека со Георгиев разговарале за почитување на европските принципи и примена на правата на македонското малцинство во Бугарија, вклучително и спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права.

“Кога Европа зборува за европски вредности, сосема е логично и ние да ги браниме нашите позиции, вклучително и правата на сите Македонци, без разлика каде живеат – и во Бугарија, и насекаде во светот,” нагласи министерот.

Билатералните спорови – кочница за евроинтеграциите

Средбата меѓу двајцата министри се одржа на маргините на Минхенската безбедносна конференција, а како што соопшти Министерството за надворешни работи, дискусијата се фокусирала на билатералните разлики, бугарската блокада на евроинтеграциите и положбата на македонското малцинство во Бугарија.

“Наместо унапредување на добрососедските односи, тие остануваат оптоварени со билатерални спорови што претставуваат непринципиелна пречка за нашата европска иднина. Сите отворени прашања мора да се решаваат одговорно, преку дијалог, заемна почит и разбирање. Вистинското добрососедство не значи блокади, туку поддршка на европските интеграции како стратешка цел на државата,” се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.