Муцунски се обрати од Брисел
Муцунски истакна дека пристапниот процес не е само за една или две земји од регионот да се приклучуваат кон Европската Унија, туку тоа го сторат сите држави од Западниот Балкан.
– Тоа не мора да се случи во исто време. Знам дека системот не функционира така, но треба да бидеме таму заедно. Ниедна држава во регионот не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ и од нас зависи да работиме врз основа на стандарди, врз основа на критериуми и да гледаме кон иднината. Помалку да гледаме кон минатото, а повеќе кон иднината, бидејќи иднината е она што може да нè обедини, истакна Муцунски.
Настанот беше посветен на чествување на културното богатство, разновидноста и европската иднина на Западниот Балкан, со посебен акцент на една од најсимболичните традиции во регионот – уметноста на правење на вино.

Кога станува збор за виното, Муцунски нагласи дека многумина не знаат дека многу од земјите во регионот користат грозје од друга држава за да направат свое вино.
– Ние сме исклучително горди што многу од земјите во регионот го нарекуваат виното свое, а барем дел од процентот на грозје во нивното вино е македонско. Нема да ги именувам земјите во моментов за никој да не се навреди, бидејќи тоа секогаш е малку ризично во нашиот регион, но она што тоа го покажува е дека кога работиме заедно можеме да го направиме најдобриот производ. Производот што сите го сакаат и производот што е вистински европски, истакна Муцунски.
Се обрати и Марта Кос
Еврокомесарката Кос во обраќањето на настанот рече дека кога станува збор за Западниот Балкан премногу се зборува за политика, за кластерите, поглавјата, критериумите и преговорите, а всушност се заборава дека регионот е многу повеќе од тоа.
– Моите кандидати за членство се повеќе од само трчање по преговорите, по исполнување обврски, постојано велење да… Вистинската цел на оваа вечер е да покажеме дека ние сме луѓе и треба подобро да се познаваме. Знаеме кои се нашите земји, какви се нашите луѓе, каква храна сакаат и оваа вечер е да разговараме за тоа, истакна Кос, додавајќи дека земјите од регионот се познати по свето гостопримството и тоа може се почувствува и на овој настан.
Таа додаде оти знае колку земјите од Западен Балкан можат да бидат страствени и колку љубов вложуваат во процесот на пристапување, за да и докажат на ЕУ дека навистина сакаат да бидат дел од неа.
– Мислам дека понекогаш треба да им кажеме: Не мора да го правите тоа. Вие сте Европејци. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е формалност и тоа ми дава енергија да работам со вас, рече Кос, најавувајќи дека една од задачите што си ги поставила пред себе за наредниот период е да работи на тоа државите од Западниот Балкан да станат попознати во земјите членки на ЕУ.
Еврокомесарката нагласи дека на регионот му е потребно повеќе прославување. Најави дека си дала ветување оти по завршување на техничкиот дел од преговорите за членство на секоја од земјите кандидати, ќе се искачи на највисоката планина во таа држава, додавајќи дека кога станува збор за Македонија, планира да се искачи на Кораб.
– Тоа е еден вид визија. Тешка работа. Не може секој да се искачи до врвот, но ако не се обидеш, никогаш нема да успееш. Тоа е сликата што сакам да ја претставам за земјите кандидати кога за нив им зборувам на другите. Да, тие сакаат да станат членки и работат чекор по чекор, но тоа не може да се случи преку ноќ. Тоа е и мојата порака вечерва. Ве молам продолжете натаму, им порача Кос на земјите од регионот.
Домаќинот на настанот, кој се одржа во новите простории на Мисијата на Албанија при ЕУ, албанскиот премиер Еди Рама истакна дека овој настан е за виното и не би сакал многу да говори за услови, усогласување, критериуми или други работи за кои е задолжена Кос.
– Еднаш некој ме праша како се справувам со сите тие работи. Реков: Им велам да, за сè што ќе ми кажат… Тоа е лудо. На ЕУ и велите те сакам, а ЕУ ви вели: Во ред, но што е со вашата усогласеност. Вие велите: Но, те сакам, а Европа вели: Добро, но има некои критериуми. Таа музика на Брисел е неверојатна, со нејзиниот одбранбен став и сите тие работи, рече Рама.
