Со новата одлука на Владата, Македонците од Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора ќе добијат побрзи и подостапни конзуларни услуги
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево преку видео порака на социјалните мрежи објави дека Владата на денешната седница донела одлука за отворање Генерален конзулат во Корча, Република Албанија.
– Грижата за Македонците во Албанија не ја покажуваме со зборови, туку со конкретни дела. Македонците од Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора се предалеку од Тирана – време е да им се доближиме – истакна Муцунски.
Тој објасни дека оваа институција ќе овозможи полесен пристап до услуги за македонските државјани во тие области. Ќе им се овозможи побрза административна поддршка, но и унапредување на културните, образовните и економските врски со татковината.
– Целиме кон посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис. Ова се конкретни чекори, не празни зборови – подвлече Муцунски.
Генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора. Институцијата ќе функционира во целосна координација со Амбасадата на Македонија во Тирана.
Неговите клучни задачи ќе бидат обезбедување конзуларни услуги. Промоција на економска и културна соработка, како и засилување на билатералните односи со Република Албанија и поширокиот регион.