Постои сериозен интерес од Обединетите Арапски Емирати за инвестирање во Македонија
Скопје и Абу Даби се наоѓаат во напредна фаза на разговори за продлабочување на економската соработка, при што постои сериозен интерес од Обединетите Арапски Емирати за инвестирање во Македонија и за склучување два клучни меѓудржавни договора, изјави синоќа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „360 степени“ на МТВ1.
Министерот нагласи дека амбицијата на македонската страна е воспоставување поинаков, стратешки однос со ОАЕ, имајќи ја предвид нивната практика на реализација на големи капитални проекти и заедничките стратешки позиции.
– Нашата цел е со Обединетите Арапски Емирати да изградиме специфично и посебно партнерство, бидејќи станува збор за држава која има реализирано успешни капитални проекти и со која, од стратешка гледна точка, делиме многу исти ставови – истакна министерот Муцунски.
Тој информираше дека комуникацијата меѓу двете држави веќе се одвива на институционално ниво и дека дијалогот е активен и континуиран.
– Со ОАЕ веќе водиме активен дијалог помеѓу нашето министерство и нивното министерство за два договора – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции, и договор за слободна трговија – нагласи Муцунски.
Осврнувајќи се на конкретните аспекти на соработката, министерот посочи дека интересот од страна на Емиратите е јасно дефиниран и дека постои подготвеност за финансиска поддршка.
– Интересот е конкретен, а финансирањето може да се обезбеди од нивна страна. Портфолиото на интерес е широко. Товарот за реализација на овие проекти лежи кај нашето министерство и ние, како институција, заедно со претседателот на Владата и со другите надлежни институции, работиме максимално внимателно и одговорно на овој договорен аранжман со Обединетите Арапски Емирати – рече министерот.
Муцунски истакна дека Владата преку ваквите процеси има за цел директно да придонесе кон подобрување на животниот стандард, преку зголемено присуство на странски инвестиции и јакнење на позицијата на домашните компании.
– Владата има конкретни резултати во привлекувањето странски инвестиции и во промоцијата на нашите компании во странство, и ќе продолжи максимално фокусирано да работи на овие проекти – истакна тој.
Во однос на временската рамка, министерот посочи дека носењето инвестициони одлуки е комплексен процес кој подразбира внимателна подготовка и одговорен пристап од двете страни.
Како дополнителна потврда за интензитетот на соработката, Муцунски го наведе своето неодамнешно учество на форумот од затворен тип „Сир бани Јас“ во Обединетите Арапски Емирати, потенцирајќи дека бил првиот министер за надворешни работи од земјава кој добил покана да биде дел од овој настан.
