Средба со заменик-државниот секретар Ландау за унапредување на билатералната соработка

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.

„Ја реафирмиравме заедничката определба за силно и долгорочно партнерство, засновано на безбедност, слобода и демократски просперитет“, изјави Муцунски.

Тој додаде дека втората сесија на Стратешкиот дијалог претставува значаен исчекор во унапредувањето на билатералните односи.

„Фокусот го ставивме на конкретни области на соработка – од одбраната и НАТО партнерството, до економијата, енергетиката и регионалната поврзаност, со јасна цел: придобивки за граѓаните на двете земји“, нагласи министерот.

Поддршка за стабилност и европска интеграција

Муцунски исто така потенцираше дека на средбата размениле мислења за состојбите во регионот и европската интеграција.

„Беше нагласена важноста од континуираниот ангажман на САД како клучен фактор за стабилноста на Западен Балкан“, изјави министерот, додавајќи дека партнерството меѓу двете земји ќе продолжи да се развива преку конкретни проекти и иницијативи.