Шефот на македонската дипломатија и порача на Бугарија да се фокусира на иднината, дијалогот и ЕУ интеграцијата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека развојот на иницијативата за оценување на уставноста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија ќе покаже дали уставните измени се навистина единствена пречка за бугарска поддршка на македонската ЕУ интеграција.
„Бугарија во официјалните позиции досега вели дека единствен проблем се уставните измени. Но, не верувам дека е така. Реториката и активностите, вклучително и во Европскиот парламент, покажуваат дека има нешто многу повеќе. Овој Протокол излегува надвор од рамките на Договорот за добрососедство. Според него, Бугарија е обврзана да не го блокира македонскиот пат кон ЕУ. Ќе следиме. Размислуваме за сите сценарија. Наш приоритет останува европската интеграција, за разлика од нашите претходници“, рече Муцунски.
Тој оцени дека протоколот е „најштетен документ во историјата на македонската надворешна политика“.
Според него, тој нема задолжителна правна сила и не создава правни последици.
„Повеќе аспекти мора да ги разгледа Уставниот суд. Процедурата на потпишување, содржината и формата не соодветствуваат на принципите на меѓународното јавно право. Тоа што мојот претходник го потпишал е катастрофално. Може да предизвика сериозни штети. Но, сега нема правно дејство“, нагласи Муцунски.
Истакна дека во документот има делови што, како што рече, не се во склад со вредностите на 21 век и на ЕУ.
„Нашите односи со Софија не треба да се мерат со вакви прашања. Мора да се насочат кон иднината и решенијата. Да очекуваме дека Бугарија ќе излезе од реториката на 19 век. Не може земја членка на ЕУ да се повикува на човекови права, а да ги негира правата на самоопределување и идентитет. Тоа е фундаментално човеково право“, истакна тој.
Муцунски рече дека од бугарската страна сè уште нема одговор на предлогот на премиерот Мицкоски до Европскиот парламент – да се усвои заедничка резолуција за гарантирање на македонскиот јазик и идентитет.
Нагласи дека со бугарскиот министер Георг Георгиев сè уште нема формална комуникација, но очекува таа да се оствари по летните одмори.
„Сите иницијативи за средби досега доаѓаат од наша страна. Отворени сме за дијалог. Свесни сме дека ние сме тие што сакаме да ги почнеме преговорите со ЕУ. Затоа и имаме ургентност. Очигледна е и недвосмислена негација на нашиот јазик и идентитет. Факт е дека постои ЕУ земја што го блокира нашиот пат преку таа негација. Затоа оваа иницијатива е дел од нашата проактивност“, рече тој.
Повика на разум и барање точки што обединуваат.
„Жалам што реториката од Софија е крајно негативна. Таква реторика има и домашната опозиција. СДСМ, свесно или не, ја прифаќа бугарската реторика. Дали тоа е намерно или нека објаснат тие“, додаде Муцунски.