Стратешко партнерство со Британија овозможува проекти за подобар живот и економски раст
Во видео објава на социјалните мрежи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зборуваше за стратешко партнерство со Британија. Тој се осврна на придобивките од договорот меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство. Нагласи дека тоа партнерство носи конкретни резултати.
„Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот“, изјави Муцунски. Според него, договорот овозможува реализација на проекти што директно влијаат врз животот на граѓаните.
Министерот прецизира дека станува збор за конкретни инфраструктурни инвестиции: брза железница, нови болници, подобри патишта и напредна технолошка мрежа.
„Не ветуваме – испорачуваме“, потенцираше Муцунски. Тој истакна дека со вакви мерки се создаваат услови младите да останат во државата. Инвеститорите да добијат поддршка, а граѓаните поквалитетен живот.
„Ова не е политика – ова е работа за иднината“, изјави министерот Муцунски во пораката споделена на интернет.
Минатата недела, за време на официјалната посета на Лондон, Муцунски и британскиот државен секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами, ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство.
Со овој документ се утврдува зајакнување на односите меѓу двете држави. Соработката ќе се интензивира во надворешна политика, безбедност и одбрана, особено во рамките на НАТО.
Во документот се вклучени и правосудството, внатрешните работи, борбата против организиран криминал, справување со корупцијата и финансиски малверзации, како и економскиот раст.