Подготвени сме да ги завршиме тешките реформи – и веќе тоа го правиме. Со тоа јасно го демонстрираме стратешкиот правец во кој се движиме. Но време е и Европската Унија, нејзините институции и земји-членки, да покажат подеднаква посветеност на нашиот европски пат, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски за NewsMax Balkans, во кое зборува за европската интеграција на државата, регионалните прашања, членството во НАТО, партнерството со ЕУ во сферата на безбедноста и одбраната, како и за странските инвестиции.
Тој нагласи дека Владата е посветена на европската интеграција преку спроведување на реформи и исполнување на мерливи критериуми што самата Унија ги поставила, но дека е потребна одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата и додаде дека државата црвсто стои на своите стратешки приоритети членството во НАТО, посветеноста на патот кон Европската Унија и стратешкото партнерство со САД.
Министерот се осврна и на членството во НАТО и придонесот на државата кон регионалната, европската и глобалната безбедност, вклучително и преку Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Македонија и ЕУ, договорите за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија.
Во делот на економијата, шефот на дипломатијата истакна дека според најновите статистики, Северна Македонија е лидер во регионот и во Европа по обем на странски инвестиции во однос на БДП.
– Граѓаните и бизнисите сакаат резултатите да ги почувствуваат и на терен. Најчесто бенефитите од големите инвестиции се видливи по шест месеци до една година, преку нови и подобро платени работни места, зголемена продуктивност и соработка со домашни компании, вели Муцунски.
Тој посочи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со Дирекцијата за ТИРЗ, работи на обезбедување сигурност и поддршка за странските инвеститори, со крајна цел граѓаните да го почувствуваат ефектот на инвестициите во нивниот животен стандард.
– Ветувам дека ќе работиме уште посилно за да се позиционираме уште подобро во следното мерење наредната година, истакна министерот Муцунски во интервјуто за NewsMax Balkans.