Муцунски во Австралија – Посета на Престон Лајонс кој е симбол на македонскиот спорт во Австралија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на својата работна посета на Австралија, присуствуваше на првиот натпревар на Престон Лајонс – еден од најуспешните македонски фудбалски клубови во Австралија.

„Во црвено-жолта боја, од Мелбурн навивавме за тимот кој претставува гордост на македонската заедница, успешен спортски модел и симбол на спортскиот дух во Австралија,“ изјави Муцунски.

Настанот беше проследен и од истакнати македонски стопанственици, кои со својата поддршка придонесуваат за јакнење на македонскиот спортски и културен идентитет во дијаспората.

 

Продлабочување на врските со македонската заедница

Во рамките на посетата, министерот го посети македонскиот манастир Св. Климент Охридски – најстариот македонски манастир во дијаспората, како и соборниот храм „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Мелбурн.

„Верските објекти и заедници во дијаспората се клучен столб за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и традиција,“ нагласи Муцунски.

Соработка со Македонското здружение за благосостојба на заедницата

Министерот Муцунски оствари средба со претставници на Македонското здружение за благосостојба на заедницата (MCWA) – водечка хуманитарна организација која обезбедува индивидуализирана грижа за постари лица и опслужува илјадници луѓе низ цела Австралија.

(ВИДЕО) По 15 години македонската дијаспора во Австралија посетена од шеф на дипломатијата

Во разговорите беше потенцирана важноста на соработката со дијаспората. Тој даде поддршката и на иницијативи кои го подобруваат животот на Македонците во странство.

Влада со јасен фокус на дијаспората

Посетата на Австралија е дел од пошироките напори на Владата за јакнење на врските со македонската заедница во странство. Дијаспората има значајна улога во билатералните односи и долгорочните партнерства.

„Соработката со нашите луѓе во дијаспората е клучен приоритет. Нивниот ангажман и поддршка придонесуваат кон зајакнување на националниот идентитет и економските врски,“ заклучи Муцунски.

Владата останува посветена да гради однос со македонската заедница која живее надвор од границите на Македонија.