Работна посета на Хаг фокусирана на билатералните односи, ЕУ-интеграцијата и економската соработка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Хаг, во Кралството Холандија. Посетата вклучува средба со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Холандија, Каспар Велдкамп, соопштуваат од Министерството.

– Централни теми во разговорите ќе бидат напредокот, развојот и перспективите на севкупните билатерални политички и економски односи со Холандија, како и иднината на процесот на проширувањето на ЕУ, и во тој контекст, натамошната холандска поддршка на македонската европска интеграција. Покрај ова, се очекува министрите да разменат мислења и за актуелни прашања поврзани со внатрешно-политичките состојби во двете земји, односите во Регионот на ЈИЕ и регионалната соработка, наведуваат од ресорното министерство.

Муцунски, заедно со директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, ќе ги презентираат инвестициските можности на нашата земја пред холандски бизнисмени во Холандската агенција за претпријатија, со цел привлекување нови холандски инвестиции.