Настан со музика, подароци и програма за сите генерации

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повика скопјани да се приклучат на стартот на празничното осветлување, најавувајќи атмосфера исполнета со музика, подароци и програма за сите генерации. Настанот ќе се одржи на 15 декември во 18 часот на плоштадот „Македонија“. Тој порача дека заедничкото палење по неколку години ќе го врати празничниот дух во центарот на градот.

Во својата објава, Ѓорѓиевски порача дека празничното осветлување има цел да донесе радост и магија за сите генерации.

„Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија.“

Тој додаде:

„А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници.“

Програма, активности и спектакуларен дочек

Градоначалникот најави дека осветлувањето ќе биде почеток на нов празничен циклус.

„Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите.“

Ѓорѓиевски истакна дека веднаш по осветлувањето ќе следуваат активности секој ден.

„Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации.“

Најави посебно внимание за новогодишната ноќ.

„А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен!“