Министерството за внатрешни работи (МВР), во одговор на прашање на „360 степени“, околу тоа дали системот „Безбеден град“ (Сејф сити) се тестира и кога официјално ќе биде во функција, посочи дека регистрирањето сообраќајни прекршоци преку овој систем ќе започне да функционира од 1 февруари. Тоа нема да започне од 1 јануари, како што беше првично најавено.
„Безбеден град ќе започне да функционира од 1.2.2026 година на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10“, велат од МВР за „360 степени“.
Покрај одложувањето, претставници на МВР изминатите денови најавија дека се размислува и за извесна толеранција околу брзината, односно да не се казнуваат возачите кои возеле 52 или 53 километри на час во градска зона.
