Охридската полиција поднесе кривична пријава против 31-годишниот охриѓанец К.К., кој е осомничен дека брутално ја претепал својата 26-годишна девојка, која по нападот изгубила свест и завршила во болница со тешки телесни повреди. Против него е поднесена пријава за кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик.

Според информациите од полицијата, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Расправијата започнала во домот на пријавениот, а продолжила во неговиот автомобил, каде што тој физички ја нападнал девојката. Откако го запрел возилото, продолжил да ја удира, при што таа изгубила свест и паднала.

Повредената жена најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.

Од СВР Охрид информираат дека осомничениот бил лишен од слобода во 05:05 часот, набргу по нападот, и бил задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му одредил мерки на претпазливост.

Случајот добил и дополнителен развој истиот ден. Мајката на 31-годишниот пријавен, Љ.К. (51), во полиција пријавила дека таткото на девојката, Љ.Ѓ. (49), преку мобилен телефон му се заканувал на нејзиниот син и на целото семејство.

Полицијата соопшти дека таткото на девојката бил лишен од слобода во 13:20 часот во Охрид и задржан во полициска станица. Против него, како што информираат од СВР Охрид, ќе биде поднесен соодветен поднесок.