Сомнение за противправно стекнување имот и перење пари
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против 53-годишниот Ѓ.Р. од Неготино, со живеалиште во Скопје, поради сомнение за сериозни финансиски кривични дела. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според пријавата, Ѓ.Р., како судија во Апелациониот суд Скопје, во периодот од февруари 2020 година до денес, спротивно на законските обврски, пријавувал неточни податоци за својата имотна состојба и за имотот на своето семејство. Надлежните наведуваат дека станува збор за имот кој во голема мера ги надминува неговите законски приходи.
Претрес во Неготино откри скриени пари
Во рамки на истрагата, на 18 јануари 2026 година, по наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје и во координација со јавен обвинител, бил извршен претрес во домот на родителите на пријавениот во Неготино.
При претресот, во кујнската просторија биле забележани траги од неодамнешни градежни зафати. По отстранување на ѕидна керамичка плочка, била откриена шуплина во која имало 13 одделни пакувања со алуминиумски ролни. Во нив биле пронајдени 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра, односно вкупно 350.000 евра.
Надлежните институции наведуваат дека против Ѓ.Р. се води постапка за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
