Министерството за внатрешни работи на Македонија, по допрен глас, поднесе пријава против раководството на „Мал битолски Монмартр“ културна установа која во неколку наврати изминатиот период носеше деца во посета во Бугарија и на средба со бугарски политичари, меѓу кои и претседателот Румен Радев, изјави министерот Оливер Спасовски.
Полицијата го известила Основното јавно обвинителство.
Вчера реагираше и првата детска амбасада во светот Меѓаши со констатација за злоупотреба на децата за политички цели.
„Раководството на битолски Монмартр ги злоупотреби децата, свои членови, за политички цели, носејќи ги во Бугарија на средби со претседателот Румен Радев и претходно со Симеон Втори, поранешен премиер и син на царот Борис Трети, како декор за нечиј (политички) маркетинг“, се вели во изјавата на претставници на Меѓаши за Независен.
Организаторите на овие средби со бугарските политичари немале дозвола од родителите на децата.
Децата од детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ во Битола беа фотографирани на средби со бугарски политичари по што фотографиите беа објавени во неколку бугарски и македонски медиуми без дозвола од родителите.
„Децата одат во Бугарија без нивните родители да потпишат согласност за програмскиот дел од посетата, за содржините кои на децата ќе им бидат понудени и кои ќе бидат реализирани, ниту за истите се информирани. Тие потпишуваат согласност за патувањето, но ништо повеќе. ‘Битолски Монмартр’ како организатор не ги известил родителите за содржината на посетата, програмата, иако е должен како организација да го направи тоа. Во вакви случаи, кога родителите не добиле доволно информации, ние секогаш препорачуваме и укажуваме дека самите родители треба да побараат повеќе информации од страна на организаторот за да бидат упатени во содржините на активностите во кои детето ќе учествува“, велат од Меѓаши и јавно јавно го повика ОЈО да постапи за ваквите прекршувања на правата на децата.
На ова веднаш реагираа бугарски политичари,
Поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелна пратеничка, Екатерина Захариева упати критики кон македонската влада велејќи дека е „достигнато ново најниско ниво: Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ѝ нареди на полицијата да започне предистражна постапка против наставник затоа што носеше деца да сликаат во Бугарија – пред Народниот театар и во Пловдив, а потоа ги посети бугарскиот парламент и претседателството“, објави Захариева.
Целосно непочитување, дрскост и целосно нескриена омраза кон Бугарија и Бугарите, реагираше и Красимир Каракачанов, почесниот претседател на ВМРО-БНД и поранешен министер за одбрана.
„Сведоци сме на ова во пресрет на Илинден – денот кога избувна најмасовното востание на Бугарите во Македонија. Ден кога повторно немаше општа прослава за хероите – предците на христијанското население во сегашната РСМ, кои ги дадоа своите животи за ослободување на Бугарите и обединување на бугарскиот народ“, вели Каракачанов а пренесуваат бугарски медиуми. „Македонското МВР покрена постапка против раководството на Малиот битолски Монмартрцза тоа што културната установа однела деца во Бугарија и се сретнале со бугарски политичари, дури и со претседателот. Наместо да ја поздрави културната размена, блиските врски и заедничките иницијативи, македонското МВР се жали во медиумите дека децата учесници на културната манифестација се сликале со бугарски политичари“ вели Каракачанов.