МВР регистрира 20 пријави за нарушување на изборниот молк, гласањето помина мирно
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека за време на предизборниот молк, од 18 октомври 2025 година до отворањето на избирачките места на 19 октомври, биле регистрирани 20 пријави за нарушување на изборниот молк.
Од нив, шест пријави се на подрачје на СВР Скопје, четири на подрачје на СВР Куманово, три во СВР Велес, по две настани се забележани во СВР Охрид, СВР Штип и СВР Битола, а еден настан е пријавен во СВР Струмица. По преземање на соодветни мерки, 15 од пријавите не се потврдени, информираат од МВР.
Социјални мрежи и повици за гласање
Во текот на изборниот молк, МВР забележало и 47 објави на социјалните мрежи кои повикуваат на гласање за одредени кандидати, како и видеа и фотографии од активности во партиски штабови.
Гласање на изнемоштени лица и затвореници
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица, како и на лицата во затворите, се одвивало без нарушувања. Регистриран е само еден инцидент во оваа категорија на гласачи, наведуваат од МВР.