Ф.С. е уапсен по сомнение за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, откако, според истрагата, во период од октомври до 13 декември 2025 година примил поткуп од вкупно 50.000 евра за посредување и користење реално влијание врз судија од Апелациониот суд Скопје. Осомничениот примил поткуп од 50.000 евра на повеќе наврати.

Лишувањето од слобода е извршено од полициски службеници по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Сомневањата се дека осомничениот требало да интервенира кај судија и преку поткуп да влијае да се изврши службено дејствие што не смеело да биде извршено.

Според информациите од истрагата, целта на посредувањето била укинување на мерка притвор определена за лице кое е недостапно за органите на прогонот и против кое ОЈОГОКК води посебна постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

„-Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата, информира МВР.“

Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека веднаш по примањето на последниот износ, осомничениот бил приведен, а паричните средства биле пронајдени кај него.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката.

Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет, меѓутоа, поради сомневањата дека примил поткуп од 50.000 евра, неговата кандидатура е спорна.