Антикорупциска акција во Скопје и Штип: Претреси поради сомнежи за поткуп и злоупотреби со престој на странци

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, спроведоа обемна акција врз основа на наредби издадени од Основниот кривичен суд Скопје.

Таргет: злоупотреба на службена положба, поткуп и незаконито посредување

Истрагата се однесува на сомнежи за сторени кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, примање поткуп и противзаконито посредување. Претреси се извршени на осум локации со акција во Скопје и Штип, вклучувајќи приватни домови, возила и службени простории, меѓу кои и Регионалниот центар за гранични работи Север.

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА МВР: Разбиена криминална група осомничена за нарачани убиства

Особено внимание привлече претресот во СВР Штип, каде цел била Канцеларијата за регулирање престој на странци. Според неофицијални информации, турски државјани се пожалиле дека плаќале илјадници евра за да добијат или продолжат дозвола за престој во Македонија.

Одземени документи, телефони и нелегално оружје

При акцијата, полицијата пронашла и одзела релевантна документација, мобилни телефони и една воздушна пушка без соодветна дозвола. Министерството за внатрешни работи најави дека по завршувањето на истражните дејства, јавноста ќе биде целосно информирана за резултатите и евентуалните кривични постапки.

50 ЛИЦА ОПФАТЕНИ СО АКЦИЈА НА БЈБ

Државата со засилена битка против корупцијата

Оваа операција е дел од пошироките напори на институциите за пресметка со корупцијата и заштита на професионалните стандарди во државните органи. Се очекува истрагата да опфати и други службени лица. Случајот дополнително ќе го тестира капацитетот на државата да се справи со корупцијата на сите нивоа.

Извор: ММС