Непознатиот напаѓач, кој ги застрела Раде Трајковски – Штекли и неговиот 23-годишен придружник Колумбо во трговскиот центар Ист гејт мол во вторникот, најверојатно имал соработник, пишуваат повеќе медиуми повикувајќи се на извори на истрагата.
Напаѓачот своите жртви ги чекал во спортска кладилница на првиот подземен кат во трговскиот центар, а лицето што му помагало било на вториот кат, каде се наоѓа фитнес центарот. Таму редовно вежбале Штекли и неговиот пријател, тоа се докажува и преку новото видео кое кружи низ социјалните мрежи.
По излегувањето од фитнес центарот, вториот учесник во заседата, набљудувачот, го известил егзекуторот кој бил три нивоа подолу во центарот, дека таргетот тргнал кон планираното место на заседа. Егзекуторот, кој до тогаш бил во кладилницата, излегол од кладилницата, а кога Трајковски и неговиот пријател стигнале на нивото -1 и почнале да се спуштаат кон гаражата со подвижните скали им пришол и од зад грб ги застрелал додека жртвите не можеле да се сокријат или да избегаат од ескалаторот. Откако ги застрелал и двајцата, егзекуторот избегал и по него се уште се трага.
МВР вели дека во тек е масовна потрага по напаѓачот, дека се формирани специјални тимови за таа цел, но засега без никакви резултати.
Министерот Оливер Спасовски рече дека станува збор за криминална пресметка, што според него „се случува во градови како што е Скопје“.
– Точно се знае и беграундот на лицето во коешто е пукано и конфликтите што ги имате, практично тие се групи криминални, кои се разбиени во најголемиот дел и за кои јас и информирав пред некое време, во многу оперативни акции што сме ги презеле, секојдневно. Самите сте сведоци дека во последниот месец имаме приведено тројца, како дел од групите коишто беа во така наречената оперативна акција „Планина“ итн, говори за еден висок степен на ангажираност и за конфронтација помеѓу тие криминални групи, кои што 30 години некој ги создавал, рече Спасовски.