Над 30 повредени полицајци и неколкумина приведени демонстранти е билансот од вечерашните протести пред Собранието. Демонстрантите се потиснати, а на местото остаа само камењата, плочки од патеката, скршени прозорци, оштетена ограда…
Според информациите од МВР, повредени се над 30 полицајци од кои еден има потрес на мозокот, кога група демонстранти почнаа да фрлаат со камења, шишиња, димни бомби, а имало и молотови коктели, откако претходно ја пробија заштитната ограда и дојдоа пред полицискиот коридон пред влеот на Собранието.
Извикувајќи пароли, навреди и псовки кон политичарите, ги предизвикуваа и полицајците, по што полицијата ги потисна зад пробиената заштитна ограда, а потоа и назад на улицата и низ паркот Жена борец, каде што беа и приведени неколкумина демонстранти. За нивниот број се уште нема потврда од МВР.
Протестот, денеска четврти по ред, почна пред зградата на Владата од каде што демонстрантите маршираа до Министерството за надворешни работи. Таму исто така фрлаа со камења и јајца по што продолжија до Собранието.