Преку програмата за финансиска поддршка на руралниот развој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) нуди мерки со кои ги поддржува младите земјоделци и тоа преку мерката 112 – помош за млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност, каде се доделува грант во висина од 10.000 евра и мерката 113 – поддршка за поттикнување на земјоделското производство, со грант од 20.000 евра, информираат од ресорното Министерство.
– Мерките кои МЗШВ ги креира за младите земјоделци даваат ефект и се повеќе млади лица активно да се вклучуваат во земјоделскиот сектор. Изминативе пет години повеќе од 1.000 млади лица аплицирале и ги искористиле мерките за поддршка на млад земјоделец. Големиот интерес кај младите беше мотив како министерство да предложиме законски измени на законот за земјоделство и рурален развој со кој овозможуваме услови за започнување со авансна исплата на финансиската поддршка за млад земјоделец. Па така со оваа измена младите земјоделци ќе можат авансно да добијат 40 отсто од вкупната вредност на грантот за поддршка за млад земјоделец, велат од МЗШВ.
На овој начин, додаваат од таму, директно им помагаме на младите земјоделци побрзо да започнат со земјоделската дејност, но и со реализација на планираните инвестиции, дополнително со оваа нова можност ги мотивираме младите уште поактивно да се вклучат во земјоделскиот сектор.