Во срцето на Осоговските планини, на Царев Врв, на надморска височина од 2.085 метри планирана е изградба на модерен ски-центар. За реализација на овој проект подготвена е пред физибилити студија, која идентификува развој на поширокиот реон, изградба на 59 ски стази со вкупна должина од 59 километри, опслужувани од девет жичари и три ски лифтови. За оваа намена во буџетот за 2021 година беа издвоени 20 милиони денари, но поради пандемијата и економската криза, средствата Владата ги пренамени за антикризни мерки.

-Центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион, заедно со општините Македонска Каменица, Кочани, Крива Паланка, Пробиштип и Кратово во месец јуни 2023 година беше потпишан Меморандум за соработка. Со овој Меморандум и со ова известување доделуваме 6 милиони денари на Центарот за развој на планските региони за започнување на активностите за ажурирање на досегашната документација- изјави Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Средствата се обезбедени преку Бирото за регионолан развој, а во следните 6 месеци ќе биде изработена ажурирана физибилити студија и идеен проект за идниот урбанистички план на Осогово.

-Ќе работиме на промоција и изнаоѓање на инвеститори, но тоа што е значајно и од страна на странските експерти епотврдени е дека одиме на развој на ски центар со атрактивни наши малаи села кои ќе бидат ставени во функција на туризмот – изјави Зујица Ангелова, Директорка на ЦРИПР.

На површина од 316 ха се предвидува изградба на повеќе сместувачки капацитети со околу 5600 легла. Ски центарот ќе се гради по принцип на јавно –приватно партнерство, а првично проценетата вредност на инвестицијата е 120 милиони евра.