Полагање венци во чест на ослободителите

Скопје денеска го одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето во Втората светска војна. Во текот на денот ќе бидат положени венци пред Споменикот на ослободителите на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани на гробот на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Свечено доделување на наградите „13 Ноември“

Од Град Скопје информираат дека вечерва во Националната опера и балет ќе се одржи традиционалната церемонија на доделување на наградите „13 Ноември“, со кои се оддава признание за посебни придонеси во различни области на општествениот живот.

Херојските борби и сеќавањето на жртвите

Пред 81 година, на 13 ноември 1944 година, скопјани ја дочекаа слободата по неколкудневни жестоки борби меѓу македонските дивизии и фашистичкиот окупатор. На улиците „Илинденска“, кај Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица се воделе улични борби, а борците ја спасиле хидроцентралата „Матка“ и Камениот мост од уништување. Во овие борби загинале повеќе од 420 борци, а во текот на целата Втора светска војна животот го загубиле околу 4.600 скопјани.