Директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Магдалена Филиповска-Грашкоска, кажа дека прво пријавиле дека системот има технички проблеми, а по три дена утврдиле дека имале сајбер напад. Нема детали кој го направил нападот, а се тврди дека никој не ги украл податоците. Според неа, ФЗОМ работи одговорно, а хакирањето го смета како нормално во Македонија бидејќи како што додаде: „сајбер војување не е ново“.
„Штом се утврди дека станува збор за сајбер напад јавноста беше известена. Сите ИТ капацитети беа ангажирани за да се врати системот во функција. Експертите работеа деноноќно. Најважната работа е дека според сите анализи на ИТ експертите нема одлевање на податоци на граѓаните. Податоците не се украдени, се безбедни и заштитени. Тече истрага за сите детали. Здравствените и личните податоци се безбедни. Системите на Фоднот се речиси во нормала, исплатени се платите на здравствени работници, породилното“, кажа Магдалена Филиповска Грашкоска, директорка на ФЗОМ.
Истрагата трае, рече Филиповска Грашкоска, па потенцираше дека има преелеминарна анализа за која не дава детали. Прашана дали со плаќање ги вратиле податоците, таа не одговори.
„ИТ тимот работеше деноноќно за да ги врати функциите на системот во рекордно време. Велам во рекордно време затоа што, статистики, во многу поразвиени земји, просечно им требало 20 дена за да ги вратат функционалностите. Тоа сметам дека не е мала работа“, рече директорката на ФЗОМ, Магдалена Филиповска Грашкоска.