Масовната гробница со околу 440 гробови е пронајдена во источниот украински град Изум, откако бил ослободен од руската контрола, изјави висок полициски службеник за Sky News.
Серхи Болвинов, главен полициски истражител за регионот Харков, рече дека сите тела ќе бидат ексхумирани и однесени на форензичко вештачење. Тој рече дека телата се погребани поединечно на импровизирано место.
Полицајците пронашле и голем број други гробни места откако почнале да ги истражуваат злосторствата извршени во делови од регионот Харков кои беа под руска контрола со месеци, но сега се повторно во рацете на Украина.
-Можам да кажам дека тоа е еден од најголемите погребувања во ослободен град, кој содржи повеќе од 440 гробови. Околу 440 тела се закопани на едно место, рече Болвинов.
На прашањето дали може да каже како загинале жртвите, тој одговорил:
-Знаеме дека некои биле застрелани, некои биле убиени од артилериски оган, некои биле убиени од воздушни напади. Имаме и информации дека многу тела се уште не се идентификувани, така што причините за смртта ќе се утврдат во текот на истрагата, заклучил тој.