Многу меѓународни организации координирано излегоа во јавноста со предупредување дека долготрајната суша ќе предизвика голема глад во источна Африка.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), преку соопштение потпишано од 14 различни меѓународни организации, посочува за негативното влијание на сушите во Источна Африка врз безбедноста на храната, јави агенцијата Анадолија. Потписници на изјавата меѓу другите се Светската метеоролошка организација (СМО), Детскиот фонд на ОН, Светската програма за храна и Високиот комесаријат на ОН за бегалци.

Портпаролката на СМО, Клер Нулис, на прес-конференција во канцеларијата на ОН во Женева, кажа дека сушата погоди многу африкански земји.

-Сегашната екстремна, широко распространета и сезонска суша силно погодува делови од Кенија, Сомалија и Етиопија, предупреди Нулис.

Таа додаде дека од минатата година во регионот се забележани четири сезони на дождови без дожд, посочувајќи дека за прв пат во последните 40 години е регистрирана суша од вакви размери.

-Прогнозите на метеоролошките експерти покажуваат дека сезоната на дождови, која ќе трае од октомври до декември оваа година, најверојатно ќе биде без дожд, изјави Нулис.

Таа посочи дека 16,7 милиони луѓе во регионот во моментов се изложени на длабока прехранбена несигурност поради големите суши, додавајќи дека се предвидува по септември оваа бројка да се зголеми на 20 милиони.