Општина Охрид од денеска ја стави на јавен увид изработената стратегија за млади, што како документ има за цел да ги постави основните принципи и насоки за дејствување на сите чинители во општеството што во крајна линија ќе доведат до остварување на потребите, правата, но и интересите на младите луѓе.

Според појаснувањето од Локалната самоуправа, младите се носители на позитивните промени, како на државно ниво, така и во локалната самоуправа, тие се ресурс за иновации и идна движечка сила на социјалниот и економскиот развој. Имајќи ги предвид општествените состојби на локално, но и на национално ниво во поглед на потребите, ставовите, но и предизвиците пред кои се исправени младите, како неопходност е наметната потребата од изработка на Локална младинска стратегија.

Документот за чија изработка е избрана консултантската компанија „Таргет комуникации” од Скопје, ги детерминира стратешките приоритети, клучните предизвици со кои се соочуваат младите во Општина Охрид и долгорочните цели презентирани низ тематските области, а се однесува на период од следните пет години.

Од Општина Охрид ги повикуваат сите засегнати чинители да го искористат дадениот рок до 15 овој месец изнесат свои предлози, идеи, забелешки и видувања на Стратегијата.

По завршувањето на јавната презентација, Стратегијата за млади на општина Охрид ќе биде доставена на усвојување од страна на Советот.