Случајот со “Онкологија” каде организирано се крадела терапијата за болните од рак и истата се продавала на црниот пазар, не е изолиран случај на државната клиника. Извори на Радио Лидер од Клиниката за Кардиологија веќе подолго време јавуваат за слична пракса на оваа клиника, предводена од директорот Жан Зимбаков.

Како што дознаваме, Зимбаков – кој важи за екстеремно близок до поранешниот министер Венко Филипче и семејството Заеви – веќе подолго време ги остава пациентите со сериозни срцеви заболувања, без нивната основна терапија со електростимулација.

Како што претходно објавивме, бројни поплаки се испратени до Министерството за здравство, во кои вработените ги објаснуваат нерегуларностите во работењето поради кои трпат стотици пациенти.

– Пациентите на кои им е потребна електростимулација се принудени чарето да го бараат на приватните клиники или во странство. Ова ги чини многу, а како што се зборува кај нас на клиниката директорот има разработено шема за проценти. – стои во писмо од лекар на Кардиологија до Министерството, до кое имаше пристап Радио Лидер.

Затоа, како што се жалат докторите, не страдаат разработените бизнис шеми.

-Директорот не потпишува за набавките за материјали за електростимулација, но затоа редовно се набавуваат материјали за методите кои тој ги применува. Целата клиника е впрегната за тој да собере што е можно повеќе искуство во одредени методи за оперирање а често се случуваат и злоупотреби со статистиките за одредени набавки. Трча по некакви европски сертификати за себе, додека ја запоставува целата клиника. Се ова е поради бизнис, додека сме оставени без некои од основните материјали. – стои во една од поплаките испратени до Министерството за здравство од еден од повидните доктори на клиниката.

Радио Лидер откри дека доктори и персонал од клиниката за Кардиологија целосно незадоволни од функционирањето на клиниката бараат разрешување на директорот Жан Зимбаков.

Како што дознаваме, од вработените биле испратени бројни писма со поплаки до Министерството за здравство затоа што, како што велат, на штета на пациентите клиниката не набавува основни материјали.

-Директорот и заменикот не набавуваат основни материјали за извршување на дел операциите, па приморан сум пациентите да ги праќам на приватни клиники или во странство иако овде ја имаме најсофистицираната апаратура. – стои во едно од писмата до министерството за здравство до кое имаше увид Радио Лидер.

Во писмото, докторот опишува и пример со конкретен случај.

-Нашата клиника поседува најсофистицирани и скапо платени Мапинг системи за електростимулација на срцевите заболувања но не се набавуваат потребните материјали иако има постоечки тендер. Како последица од тоа, пациентите се принудени спасот да го бараат во странство каде што за истите интервенции се плаќа повеќе од десетина илјади евра. Колегите шпекулираат дека материјалите не се набавуваат поради нерешени бизнис релации на медицинскиот директор Жан Зимбаков и заменикот Бушлетиќ со добавувачите, поради наводно неисплатени проценти. Но не би навлегувал во тоа, факт е дека пациенти одат во странство иако истите зафати може да се извршат кај нас. – пишува докторот до министерството.

Огромно незадоволство во јавноста предизвика случајот со “Онкологија”, но вработените на Кардиологија велат дека трпението им е при крај и токму тие ќе го поведат отпорот против нивниот директор.

– Нема некоја голема разлика помеѓу тоа што се случува таму и тоа што се случува тука. На двете места станува збор за нелегален бизнис поради кој страдаат пациентите. – вели еден од нашите извори.