Првата можност е со работа на Собранието од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат  начин – со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа, затоа што граѓаните може да гласаат и со лична карта и со пасош. Но сите немаат пасоши, изјави премиерот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика пратениците да го изгласаат Законот за лични карти. На Фејсбук тој напиша дека не обвинува, туку само ги повикува тие што се платени од граѓаните да ја вршат работата.

– Да го изгласаат Законот за лични карти, бидејќи овој проблем покренува многу проблеми во секојдневното функционирање и мора да бараме излезно решение за граѓаните да ги остварат своите права, напиша Спасовски.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски по седницата на ДИК рече дека се преземаат дополнителни активности за изнаоѓање други законски решенија за да им биде овозможено на граѓаните со неважечки лични карти да гласаат на локалните избори.

Тој соопшти и дека на 25 август ќе пристигнат пет проценти од апаратите за вчитување  отпечатоци од прсти, а останатите сукцесивно до 1 октомври, до кога исто така треба да биде испорачана целокупната опрема од компанијата „Дермалог“.