На охридскиот аеродром “Свети Апостол Павле” денеска пристигна првата група со 180 туристи oд Амстердам.
Холанѓаните се традиционални гости на брегот на Охридско езеро кои уживаат во природата и богатото културно историско наследство. Директорот на АППТ Љупчо Јаневски истакна дека најавите за оваа сезона се оптимистички, уште во првиот квартал од годинава има зголемување на бројот на туристи од Холандија за 22% во однос на 2019 година, која се смета за најдобрата во туризмот.
“Покрај холaндските гости ќе имаме чартер летови од ТУИ Велика Британија, потоа уште неколку тур оператори од Холандија, Полска, Турција, Израел, традиционалните пазари и предвидено е според стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да имаме помеѓу 15 до 20% раст на дестинацијата, што според мене е одржливо”- потенцира директорот на АППТ Јаневски.
“Се истакнуваат неколку дестинации, тоа се турските туристи, португалските, српските, босанските, холандските, романските туристи кои што имаат подобри позитивни резултати во 2023 година за разлика од 2019 година”- додаде Љупчо Јаневски.
ТУИ годинава ќе има четири чартер летови неделно од Холандија и два од Велика Британија.
“Се надеваме ова лето да се вратиме на бројките од 2019 година која беше најдобрата референтна туристичка година, и се надеваме дека ќе донесеме многу среќни и задоволни гости“- изјави Аријан Керс генерален директор на ТУИ Холандија.
Според најновата статистика имаме околу 10 600 патника, а очекуваме околу 18 000, со овој растат можно е да имаме и повеќе“- изјави Васко Коциров од туристичката агенција партнер на тур операторот ТУИ.
Бројот на летови од Охрид се зголемува, а се воведуваат и нови линии. Охрид ова лето очекува плодна сезона. Според прогнозите на АППТ од туризмот годинава се очекува 3,2 до 3,3 милиони ноќевања и над 5 милјарди долари директен прилив во домашната економија.