На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список како и за пријавување на гласачите во дијаспората. Граѓаните уште денеска можат да се проверат и доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Од Државната изборна комисија ДИК) апелираат граѓаните да извршат проверка и доколку има потреба да побараат промена.
Според податоците на ДИК, заклучно со 14 март во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата, увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 4859 лица. Седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и пет лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.
Преку електронски пат заклучно со 14.03.2024, се провериле вкупно 22122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, шест барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.
По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, синоќа до 20 часот се пристигнати 2049 пријави од кои 1430 се прифатени, 165 се одбиени, а не се обработени 434.
Гласање во дијаспората за претседателските избори ќе се организира, со оглед дека претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани, но за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5 355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.