Рокови за јавниот увид и кандидатските листи
До полноќ трае јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори 2025, по што граѓаните веќе нема да можат да поднесуваат барања за измени. Два дена подоцна, на 13 септември на полноќ, истекува и рокот за доставување на листите за кандидати за градоначалници и за советници до општинските изборни комисии.
Граѓаните имаа можност да го извршат увидот во подрачните одделенија и канцелариите на ДИК. Покрај тоа, јавниот увид можеше да се направи и преку интернет страницата на ДИК. Со електронска пошта на upisis@sec.mk граѓаните поднесуваа барања за запишување, дополнување или бришење податоци во Избирачкиот список. Со секое барање задолжително се приложуваа докази, а потребните обрасци беа достапни на веб-страницата на ДИК.
Заклучно со 9 септември, вкупно 5729 граѓани извршиле проверка на податоците во подрачните одделенија на ДИК. Од нив 3397 се мажи, а 2332 жени.
Поднесени барања и постапки пред ДИК
Од ДИК за МИА информираа дека осум лица побарале запишување во Избирачкиот список. Вкупно 136 лица доставиле барање за бришење, од кои 134 поради смрт, а две лица поради отпуст од државата. Дополнително, 59 лица побарале промена на податоците, најчесто поради промена на презиме или промена на адреса на живеење.
ДИК е должна да донесе решение по секое барање во рок од 24 часа од денот на приемот. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот има право во рок од 24 часа да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. Судот решава во рок од 24 часа и веднаш ја доставува одлуката по електронски пат. Решението на Управниот суд станува составен дел на потпишаниот Избирачки список.
ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список најдоцна на 3 октомври. Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го испраќаат до ДИК по електронски пат најдоцна на 11 септември.
ДИК во рок од три дена, односно најдоцна до 14 септември, по завршување на јавниот увид, го доставува Избирачкиот список до политичките партии кои поднеле барање навремено. Политичките партии во рок од пет дена, најдоцна на 19 септември, до ДИК поднесуваат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци.
По секое барање ДИК решава во рок од три дена од приемот, согласно правилникот за целосен пристап и измена на податоците. Против решението на ДИК, политичката партија може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа. Судот е должен да донесе одлука во рок од 24 часа.
Рокови за институциите и финализација на списокот
Министерството за внатрешни работи на 12 септември, еден ден по завршувањето на јавниот увид, доставува листа на државјани кои поднеле барање за нова лична карта или пасош од денот на распишувањето на изборите до крајот на увидот. Дополнително се доставува и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК по службена должност ги впишува овие податоци во Избирачкиот список.
Органот надлежен за санкции, најдоцна 30 дена пред изборите, доставува информации за лицата кои се во притвор или на издржување казна затвор. Податоците задолжително содржат ЕМБГ и се доставуваат најдоцна на 18 септември.
Министерството за социјална политика, демографија и млади најдоцна 30 дена пред изборите доставува податоци за лицата пријавени за гласање во установи за вонсемејно згрижување. Крајниот рок за тоа е 18 септември.
Основните судови најдоцна до 18 септември доставуваат податоци за лицата на кои им е одземена деловната способност со правосилна одлука и за лицата со мерка притвор.
ДИК го заклучува Избирачкиот список со сите промени најдоцна на 26 септември. Потпишувањето на конечниот список, односно изводите за гласање, се извршува најдоцна на 3 октомври.
Локалните избори 2025 се закажани за 19 октомври. Изборната кампања започнува на 29 септември. Гласањето ќе се спроведе во 80 општини и Градот Скопје на вкупно 3480 избирачки места.