Износените чевли кои четири ипол месеци газеа по улиците ширум државата, пензионерите денеска ги оставија во новогодишни пакетчиња пред Собранието. Со апел и барање до пратениците, за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, објави Телма
„Ги повикувам пратениците сите 120 кои го имаат документот, нашиот предлог закон и едниот и другиот да пристапат кон решавање на нашите проблеми еднаш засекогаш. Не ни требаат лижавчиња, ниту пакетчиња. Еве го писмото на Талат Џафери кој ни го достави дека е предадено на сите пратеници“, вели Драган Угриновски од Сојуз на пензионери.
„Ние ќе издејстуваме 5.000 линеарно зголемување на основицата на пензијата“, вели Верче Јанческа пензионерка.
Откако ги оставија чевлите пензионерите одржаа говор, па добија поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои им ветија исполнување на нивните барања.
„Ние како ВМРО се соживуваме со маката што ја имате вие. Преживувате со минимални средства, преживувате за да не може да живеете достоинствен живот. Затоа во нашата програма што сега ја подготвуваме ќе ги ставиме барањата коишто вие ги имате доставено“, вели Ѓорѓија Сајкоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Пензионерите не се откажуваат од нивните барања и се заканија дека протестите ќе продолжат доколку не добијат линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, но за министерката за труд и социјала Јована Тренчевска ова барање е нереално.