Во првиот ден од функционирањето на системот „Безбеден град“ во Скопје, регистрирани се 110.000 сообраќајни прекршоци. Ова го информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Тоа е катастрофална бројка. Вчера имаше околу 1.000 нерегистрирани возила, околу 5.000 поминувања на црвено што е катастрофално. Најстрашно е што над 90% од вкупната бројка е пречекорување на брзината“, додаде Тошковски.

Целта на тест периодот е да ги запознае граѓаните со функционирањето на системот. Исто така, да се направи ревизија на системското решение. Министерот истакна дека се констатирани некои слабости во системот и дека тие ќе се корегираат.

Тошковски најави дека со тек на времето системот ќе се имплементира низ целата територија на земјата. Законот ќе важи за сите, освен за возила на Брза помош и службени возила на МВР.

„Најмалку тројца возачи на министри се казнети за брзо возење“, рече министерот. Тој нагласи дека граѓаните треба да ја имаат предвид бројката од 142 жртви во сообраќајни несреќи во 2024 година кога ќе дебатираат за потребата од системот „Безбеден град“.

Тошковски остави можност законот да профункционира од 1 февруари, наместо од 1 јануари. Ова е со цел граѓаните целосно да се запознаат со системот пред неговата целосна примена.