Предлог за мерки на претпазливост
Основното јавно обвинителство Струга до струшкиот суд достави предлог за определување мерки на претпазливост за едно лице, кои вклучуваат одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница и обврска обвинетиот повремено да се јавува во Судот. Мерките се побарани поради опасност од бегство, особено имајќи предвид дека ОЈО Струга поднесе уште едно обвинение против истото лице во текот на вчерашниот ден.
Обвинение за поттикнување етничка омраза
Надлежен јавен обвинител, по спроведена претходна постапка, поднесе обвинителен предлог бидејќи обвинетиот, како градоначалник на општина Струга, во март годинава поставил спомен-обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга. На овој начин, сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.
Девет активни постапки против обвинетиот
Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер против кого ОЈО Струга поднесе повеќе обвиненија во краток временски период оваа година и веќе води осум судски постапки за кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон.
Со последното обвинение поднесено вчера, во основните судови во Струга и Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му се заканува затворска казна.
Судот ги прифаќа мерките на обвинителството
Основниот суд Струга го прифати предлогот на обвинителството и донесе решение со кое му го одзеде пасошот на обвинетиот и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот.