Ѓорѓиевски најавува конкретни чекори по изборите и дополнителни часови по локална самоуправа
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави дека од понеделник, по изборната победа, ќе започне да држи дополнителни часови по локална самоуправа. Тој истакна дека ваквата иницијатива има цел да ја подигне свеста и знаењето за управување со градот.
„Вечерва одбрав да бидам со мојот народ, на завршниот митинг во Скопје. Добро знаете, никогаш не бегам од ништо“, напиша Ѓорѓиевски во својот пост.
Одговор на критиките од Левица
Кандидатот, исто така, одговори на реакциите од Левица и Амар Мециновиќ во врска со дебатата на телевизија Канал 5.
„Веќе се одржа дебата меѓу мене и кандидатот за градоначалник од Левица, по која станаа јасни ставовите и јасна е сликата за двајцата кандидати“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека „евидентно е ниското ниво на политичка култура, но и присутната безидејност и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била натпревар и судир на концепти, туку судир меѓу концепт за Скопје, претставуван од мене и ВМРО-ДПМНЕ и демагогија, празна реторика и отсуство на план што се карактеристики на Амар Мециновиќ.“
„На Скопје му требаат решенија, не демагогија“, подвлече тој, додавајќи дека целосно ја почитува намерата и професионалноста на телевизијата која испрати покана за дебата.
