ТВ24 објави дека се подготвува нова дипломатска офанзива за уставните измени со пристигнување во наредниот период на министрите за надворешни работи на Австрија, Словачка и Чешка. Министерската тројка ќе има средба со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа го потврди и најголемата опозициска партија, пренесува Фактор.
„ВМРО-ДПМНЕ има редовна комуникација со претставници на меѓународната заедница. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги реафирмира ставовите кои познати на јавноста за високиот степен на криминал и корупција присутни во највисоките структури на власта, како и позициите на партијата во однос на уставните измени кои не се прифатливи под бугарски диктат, како и потребата за избори како излез од политичката и економска криза“, велат од партијата предводена од Христијан Мицкоски.
Дипломатски извори велат дека министрите ќе се сретнат со Мицкоски и со координаторот на пратеничката група Никола Мицевски. Министрите на Австрија, Словачка и Чешка барале средба со сите пратеници, но од ВМРО-ДПМНЕ рекле дека изводливо би било само со одреден број на претставници.
Изминатите денови дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како Бојан Стојановски, Игор Јанушев и Ели Панова биле на средба во американската амбасада во Скопје со заменик-амбасадорот во Скопје, Ерик Мајер.
Неофицијално, на пратениците им било кажано дека Конгресот ќе донесе резолуција слична како онаа на Бундестагот и им било повторено дека САД очекува да се направи чекор кон уставните измени, повторувајќи ја позицијата на сенаторот Крис Марфи дека САД ќе ги преиспитаат односите со Македонија доколку нема уставни измени.