Резултатите од изборите во Софија се голем пораз за ГЕРБ и Борисов, бидејќи нивниот кандидат Антон Хекимјан заврши на трето место и не влезе во вториот круг.
Во денешната изјава на Борисов од Пловдив, каде што првпат го коментираше првиот круг од локалните избори што заврши пред два дена, вели дека нема заедничко решение со ПП–ДБ и дека ако ГЕРБ и ПП–ДБ меѓусебно се поддржуваа, ќе имаа градоначалници насекаде и тоа ќе донесеше стабилност.
Одлуката на Борисов да ја поддржи кандидатката на БСП, според бугарските медиуми е изненадувачка, особено што од неговата партија ГЕРБ се претставуваат како евроатлантисти, наспроти политиката на партијата што ја кандидира Вања Григорова, зад која стојат група левичарски популистички и русофилски партии.
Според официјалната регистрација во бугарската Државна изборна комисија, кандидатурата на Григорова е поддржана од локалната коалиција „БСП за Бугарија“ (коалиција БСП за Бугарија, Левицата, „Неутрална Бугарија“, Граѓанска алтернатива и Атака).
На овие избори коалицијата „Неутрална Бугарија“ е составена од: Комунистичката партија на Бугарија, Бугарската комунистичка партија, Партијата на бугарските комунисти, Новата сила и Русофилите за преродба на татковината.
Иако Борисов изјави дека не бил загрижен што неговиот кандидат не влезе во вториот круг, тоа е неочекуван удар за него, како што јавуваат бугарските медиуми.
„Резултатот за мене во Софија е очекуван и заслужен по овој масовен напад против нас и им честитам на победниците. Така е, а најдобриот нека победи!“,
рече Борисов.
Нискиот одѕив на гласачите го опиша како казна за целата политичка класа.