Буџет и поддршка за лекување од детството
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска најави дека оваа година првпат ќе се спроведе тригодишна набавка на лекови за пациентите со ретки болести. Досега набавките се правеле само за една година, а новиот пристап овозможува подобро планирање и континуитет во третманот.
– Владата од оваа година ќе има тригодишна набавка и можеби изгледа дека буџетот е намален бидејќи методологијата беше поинаква, но ви гарантирам дека ниеден граѓанин и ниедно дете нема да останат без потребните лекови и медицински третмани, бидејќи тоа е наша обврска како Министерство за здравство, како држава и како Влада – изјави Алиу одговарајќи на прашање на пратеничката Бисера Костадиновска за намалување на средствата за ретки болести.
Зголемен буџет за знаење и обука на лекарите
Министерот додаде дека е зголемен и буџетот за трансфер на знаење кај лекарите кои ги лекуваат пациентите со ретки болести.
– Имаме средби со надворешни експерти кои работат со нашите лекари за нови методи на лекување, не само во однос на лековите, туку и за другите третмани што го сочинуваат екосистемот за здравјето на овие деца – рече Алиу на седницата за пратенички прашања.
Тој истакна дека сите лекари кои ќе лекуваат пациенти со ретки болести ќе користат стандардизирани протоколи и софтвер за следење на секој пациент. Овој пристап, според министерот, ќе овозможи поефикасно и безбедно лекување и контрола на терапијата кај пациентите со ретки болести.
