Министерот за внатрешни работи посочи дека началник без стаж не може да биде именуван и нагласи дека новиот закон воведува тестирање и јасни критериуми

Началник без стаж не може да има, тврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во објава на Фејсбук, реагирајќи на обвинувањата од опозицијата. Според него, измените на Законот за полиција не дозволуваат унапредување без искуство и обвинувањата се целосно неточни.

Тошковски порача дека целта на законските измени е да се постават јасни и строги критериуми за напредување во хиерархијата. Според новите правила, началник без стаж не може да биде поставен, бидејќи во член 63 од Предлог-законот се наведува дека лице без искуство може да се вработи исклучиво како „помлад“ полицаец, односно на најниска позиција.

Истовремено, напомена дека дури и кандидати со искуство во друга, несродна област, нема да можат да добијат повисока позиција. Новиот систем е поделбен на пет нивоа. Со ограничување од максимум две нивоа за евентуален скок, што, според министерот, претставува построг систем од досегашниот.

Покрај тоа, Тошковски информираше дека за секое напредување ќе бидат задолжителни обука и тестирање. Така е предвидено во член 104 од Предлог-законот. Тој потенцираше дека веќе не може да има именувања без проверка на знаење и способности.

Во врска со раководните функции, посочи дека за првпат во законот е наведено дека за функцијата директор на БЈБ е задолжително најмалку 12 години искуство. Рече и дека функцијата заменик-директор не претставува партиска позиција, туку механизам за функционалност и континуитет.

Тошковски додаде дека опозицијата го интерпретира законот фрагментарно и дека прави, како што рече, „правна и политичка манипулација“. Апелираше до јавноста законот да се чита целосно. Најави дека Министерството ќе продолжи со процесот на реформа со јасни и објективни критериуми.