Делегација на Вооружените сили (ВС) на Романија, предводена од началникот на Генералштабот на ВС генерал Георгита Влад, од денес до 04.09.2025 година, ќе престојува во официјална посета на Армијата на Република Македонија.

На официјалната средба помеѓу началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и генералот Влад беше потврдена соработката помеѓу двете армии, која во текот на изминатата и оваа година се оценува како исклучително добра и на високо ниво. Посебно беше нагласена успешната соработка на полето на обуката и вежбите реализирани во рамките на иницијативата Б-9, како и во рамките на билатералните и регионалните активности.

За време на официјалниот состанок, романската делегација беше запознаена со трансформацијата на Армијата, учеството на Армијата во меѓународни мисии на НАТО, ОН и ЕУ, како и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“. Дополнително се разговараше за заемна поддршка при исполнување на НАТО целите на способности и подобрување на интероперабилноста, како и можноста за унапредување на билатералната соработка, вклучувајќи ја и соработката во областа на специјалните сили.

Во рамки на посетата, генералот Влад оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски на која се разговараше за посветеноста на двете земји во зацврстувањето на источното крило на НАТО, за безбедносната состојба во регионот, како и за можностите за развој на билатералната соработка. Министерот Мисајловски во оваа прилика ја нагласи исклучително интензивната одбранбена соработка благодарение на која се зајакнува интероперативноста помеѓу двете сојузнички армии и додаде дека македонските припадници, како и досега, ќе продолжат со својот придонес како дел од НАТО мултинационалните сили во Романија.

Покрај официјалните средби, во текот на денешниот ден, романската делегација ќе го посети и баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“ во Скопје, каде ќе биде запознаена со мисијата, опремата и вооружувањето со кое располага баталјонот и ќе присуствува на методско-показна вежба организирана од единицата.

Во текот на утрешниот ден романската делегација, во касарната „Боро Менков“ во Куманово, ќе присуствува на свечената церемонија за примопредавање на должноста на Политичко-воено- управувачкиот комитет и Координативниот комитет на СЕДМ, како и на одбележувањето на 26 години од формирањето на бригадата за Југоисточна Европа (SEEBRIG).

Соработката помеѓу Армијата и ВС на Романија се оценува на високо ниво. Оваа соработка е надградена во ноември 2023 година со учество на Армијата со свои сили во Романија во рамките на НАТО и тоа, Активноста за зголемена будност – enhanced Vigilance Activity – eVA Battlegroup Initial Operational Capability (денес тоа е во рамките на НАТО активноста „Зајакнати истурени сили“ – Forward Land Forces) и ангажманот на штабен офицер во Мултинационалниот корпус Југоисток (MNC-SE) во Букурешт. Овие активности претставуваат цврста основа за натамошно продлабочување и развој на партнерството меѓу двете армии.

Преземено од Курир