Вкупен број гласачи и посебни категории

На осмите Локални избори во Македонија, кои ќе се одржат в недела, право на глас имаат 1.832.415 гласачи. Од нив, 1.717.803 се во земјата, додека 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список со лица во странство. Особено право на глас имаат 2.162 лица затворени или во притвор, како и 450 гласачи во старските домови.

Иако гласање во дијаспората нема, лицата кои се на привремена работа или живеат во странство, но допатуваат во земјата, ќе можат да го остварат своето право на глас.

Број на гласачи и избирачки места

Во Градот Скопје вкупниот број на гласачи е 474.304, додека од општините најмногу гласачи има во Куманово – 94.041, Гостивар – 82.893, Тетово – 87.878, Битола – 77.253, скопски Аеродром – 68.772, Струга – 62.711 и Прилеп – 62.053. Најмалку гласачи се во Лозово – 1.905, Вевчани – 2.092, Новаци – 2.429, Конче – 2.716 и Ранковце – 2.921.

Според Изборниот законик, гласањето е предвидено на 3.480 избирачки места, но годинава има шест без население, па бројот се намалува на 3.474 избирачки места. Некои избирачки места имаат по помалку од десет гласачи, кои ќе гласаат во најблиското гласачко место. Најбројно избирачко место е во Бутел, со 1.432 гласачи, додека во 70 избирачки места има над илјада гласачи.

Најстариот гласач во земјава е роден на 15 мај 1918 година, додека најмладиот ќе стане полнолетен на самиот ден на гласање, 19 октомври. Вкупниот број гласачи со 18 години запишани во Избирачкиот список е 25.603.

Кандидати, партии и советнички листи

Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, што изнесува вкупно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници се регистрирани за Градот Скопје – 16 кандидати.