Повеќе од 26.000 Украинци, вклучувајќи 15.000 војници се водат како исчезнати откако руските сили ја нападнаа Украина во февруари минатата година, соопшти денеска украинската Влада.
„Од нив, 11.000 се цивили, а околу 15.000 се воени“, изјави заменик-министерот за внатрешни работи Леонид Тимченко на националната телевизија.
Станува збор за луѓе кои исчезнале во врска со воените дејствија, вклучително и териториите кои се под руска окупација, изјави портпаролката на украинското Министерство за внатрешни работи, Маријана Рева.
Информациите со кои располага МВР се однесуваат само на Украинци чии лични податоци се „официјално проверени“, со појаснување дека во реалноста бројот на исчезнати лица може да биде поголем. Рева прецизираше дека проверките се во тек.